Yoga House on a Cliff
Сместен во шумовита долина во планинскиот предел на централна Португалија, успешниот јога-ретрит Vale de Moses имаше потреба од дополнителен простор за практикување. За проектирање на нова јога-шала, чувствителна на контекстот, на карпест рид во близина на постојниот комплекс, беше распишан меѓународен архитектонски конкурс.
Новата шала е замислена во центарот на карпестата терасеста платформа, пристапна од двете страни и вплетена во кружната патека што ја поврзува со останатите содржини. Надвиснат над стрмната шумовита падина и издигнат над постојните објекти, павилјонот се позиционира како нова фокусна точка на локацијата.
Движењето продолжува и во внатрешноста. Интимен, засенет влезен коридор функционира како тампон-зона – праг меѓу надворешниот и внатрешниот простор – и води во флуиден простор што слободно се развива околу двете сервисни единици.
Конструкцијата е систем од модуларни дрвени рамки на префабрикувани шрафни пилоти, поради што волуменот како да лебди над топографијата. Вертикалните носачи остануваат видливи и нагласени, како одѕив на високите стебла на боровите наоколу. Обратен четирислопен покрив, што навлегува во волуменот, истовремено служи за собирање на дождовницата.
Со целосно отворање на обвивката на двете надолжни страни, обликот добива изразена порозност. Ротирачки прозорци и перфорирани ѕидни панели овозможуваат светлината, воздухот и погледот да струјат низ зградата и ја втопуваат во смирувачката природа.
Преку избрани локални материјали и принципи на одржлива градба, проектот се обврзува на еколошки свесен пристап. Павилјонот формира отворен и флексибилен простор за јога и за медитативната практика „шумско капење“, овозможувајќи длабока поврзаност со природата.
Локација: Олеирош, Португалија
Инвеститор: Vale de Moses
Статус: Конкурсен предлог – пофалница
Организатор на конкурсот: Buildner (Bee Breeders)
Година: 2020
Проектен тим:
Костантин Трпеноски
Зоран Петровски
Моника Ангелевска








